Првиот пат кога пробав кари, да бидам искрена, не ми се допадна. Премногу жолт и премногу силен за мојот тогашен вкус. Потоа, пробав пилешко во кари во неколку ресторани и почнав да уживам во вкусот. Со неколку експерименти во мојата кујна, успеав да направам пилешко во сос од кари, исто како во рестораните. Толку е едноставно и толку брзо - рецепт кој ни е потребен кога немаме време. Бидејќи јас не јадам печурки, не ставив, но може да го комбинирате со печурки и со златен микс од зеленчук во оризот.

Подготовка

Исечете го пилешкиот стек на мали парчиња, посолете, додадете црн бибер и запржете ги парчињата на масло додека не добијат убава златна боја. Можете да ги додадете печурките овде на самиот почеток.
Додадете го кремот за готвење и 1 лажица кари. По вкус може да додадете повеќе или помалку кари. Добро измешајте и оставете го да се готви уште 2-3 минути додека сосот не се згусне малку.
Јас го комбинирав со басмати ориз кој го варев во солена вода 15тина минути, а потоа го исцедив.
Се служи како на сликата - одделно пилешкото од оризот и се јадат со мешање заедно.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови