Ова јадење е од италијанската кујна, направено од пржени црни патлиџани и запечени со сос од домати, пармезан, моцарела, босилек... Идеално и освежувачко за ова летно време.

Црните патлиџани исечете ги на парчиња по должина дебели околу 1 цм. Посолете ги со сол и оставете ги во цедалка да се цедат околу 1 час да ја испуштат темната течност.
За тоа време подгответе го сосот од домати.
Доматите од конзервата ситно исецкајте ги.
Кромидот и лукот ситно исецкајте ги и пропржете ги во 10-на лажици загреано маслиново масло. Додајте ги доматите или доматниот сос, шеќерот, и неколку листови свеж босилек. Промешајте и оставете ги да варат на среден оган 10 минути. На крај додајте сол и бибер по вкус и тргнете го на страна.

По изминатото време црните патлиџани избришете ги со кујнска салфетка и испржете ги во поголема количина сончогледово масло. Пржени ставајте ги на салфетка да се исцедат од вишокот на масло.
Сега подгответе ги за печење.
Во мала тава (20 х 20) ставете неколку лажици од доматниот сос над него ставете неколку црни патлиџани (треба да има за 3 реда), пак сос од домати, 3 лажици пармезан, малку моцарела или кашкавал и неколку листови босилек. Одозгора повторно црн патлиџан и од останатите состојки се додека ги потрошите.
Печете во загреана рерна на 180 степени околу 25-30 мин.
Послужете ја топла или ладна со лепче како самостоен оброк.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани