Едноставно, евтино и многу вкусно јадење. Го приготвуваше мојата свекрва па и јас ја продолжувам традицијата. Се подготвува долго, а се јаде брзо хе хе.

Најмногу време одзема подготовката на палачинките. Го истураме брашното и солта, додаваме ладна вода да ни се раскаши и го разбиваме убаво брашното да не ни останат грутчиња. Оставаме да отстои половина час. Додаваме вода колку што е потребно да добиеме каша со густина за палачинки. На крај ги ставаме трите лажици масло. Ги печеме палачинките.

Лукот го чистиме, сечкаме и толчиме во дрвен ваган со сол по вкус. Во лукот ги додаваме и јатките и заедно ги толчиме да се соединат. Тураме филџан масло и околу 400 мл врела зовриена вода. Убаво мешаме да ни обели смесата како млеко. Чекаме малку да се подизлади колку да може со рака да се работи.

Една по една палачинките ги брцнуваме во течноста и ги редиме во караванче бр 28 подмачкано со масло. Одберете постаро караванче бидејќи од маслото прска и гори. Редиме една врз друга како торта. Караванчето го ставаме во рерна загреана на 200 степени и печеме 30 минути.

Кога е готово сечеме на четвртинки и послужуваме.

Напомена- Сум пробала со мрсни палачинки, бидејќи ми се полесни за правење и побрзо се печат, но верувајте, вкусот ни приближно не е како со обични посни од брашно и вода палачинки.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови