Мусака од тиквиња ми е едно од омилените јадења. Често ја правам најобична, само тиквиња, мелено месо и лукче за шмек. Оваа е збогатена варијанта и овде оризот многу ми помогна во апсорбирањето на водата од тиквињата. Инаку во нормални околности врз тиквињата фрлам пченкарно брашно за да не се многу водлести.

Подготовка

Запржете го исечканиот кромид, додадете го меленото месо, откако ќе се запржи додадете зачини и оризот и измешајте и тргнете го на страна.

Тиквињата излупете ги и исечкајте ги на кругови. Последните пати не ги ни лупам само ги сечкам ама претходно ги потопувам во вода со сода бикарбона за да се неутрализира лушпата.

Пола тиквиња наредете ги во поголемо тавче, посолете, ставете исечкано лукче меѓу тиквињата.

Одозгора ставете го меленото месо, убаво распоредете.

Наредете ги најгоре тиквињата, наросете по малку зачини, лукче, фрлете малку пченкарно брашно, пипер...

Додадете убаво масло одозгора.

Ставете ја тавата да печи на 250 степени. По половина час извадете ја од рерна и убаво притиснете ги тиквињата и вратете да се печи уште половина час или додека не порумени убаво.

На крајот прелејта ги тиквињата со изматените јајца со јогурт и вратете да се допечи.

На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови