Оваа пролетна мусака е често на нашата трпеза кога е сезона на тиквички, па затоа би сакала да ја споделам и со вас.
Прво убаво се мијат тиквичките. Потоа се сечат на кругови со дебелина од пола сантиметар.Тавата во која ќе ја печеме мусаката се премачкува со масло за јадење.
Половина од тиквичките ги редиме во тавчето. Ги посолуваме малку одозгора и ги ставаме да се запечат околу 15 минути во загреана рерна на 200-220 степени.
За тоа време го запржуваме меленото месо со ситно сецкан кромид, морковот и пиперката. Кога убаво ќе се испржат се додават зачините. Врз запечените тиквички се става месото,  врз него се редат останатите тиквички. Повторно се враќаат во рерната. За тоа време подготвуваме околу 750 мл супа од коцка. Откако ќе се запече малку и горниот ред тиквички, се вади тавчето од рерна и се посипува со подготвената супа. Се враќа во рерната.
Кога доволно ќе испари течноста, отприлика после 35 минути, мусаката се прелива со изматена павлака со 3 цели јајца. Мусаката е готова кога ќе добие убава румена кора одозгора.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови