Да не изгледа, дека слабо оставам рецепти со десерти. Некако, не ми се предизвик благите работи и секогаш повеќе уживам во правењето на солени рецепти.
Оваа торта, ја видов во едно списание, кое го купив од тука. Правилно, се прави во калап за торта, но јас немам таков, па морав да ја правам во мало (30 на 34) плехче.
Малку се намачив, да пресечам совршени парчиња, не ми оди баш тоа од рака, но вкусот е предобар на тортичкава, и плус се приготвува многу брзо.
Постпаката оди вака
1. Бисквитите се дробат со оклагија. Во вангличка се мешаат, дробените бисквити, шеќерот и какаото. Тука потоа, потепено се додава растопениот маргарин и една по една лажица млеко. Смесата се распоредува во калап или тавче и се остава во замрзнувач за да се стегне.
2. Листовите желатин, се потопуваат во ладна вода, околу 5 минути. Потоа, се вадат, па во мало тавче се ставаат на оган со средна температура, за да се растопат. Се остава да олади. Во друг сад, се мати слатката павлака, а крем сирењето и кондензираното млеко се мешаат со жица за матење. Сега во садот кадешто е матената павлака, се додава постепено смесата со млеко и крем сирење. Се меша добро целата смеса со жица за матење, се истура желатинот и повторно добро се меша се. Белата смеса, се истура врз тестото со бисквити. Се остава тортата околу три часа во замрзнувач, за да се стегне.
3. Во мал сад, на тивок оган се загрева слатката павлака, заедно со чоколадото. Откако ќе се растопи чоколадото се трга од оган. Внимавајте да не ви преврие павлаката! Ганашот се истура врз белиот дел и повторно тортата се враќа на ладно.
За оние што не сакаат многу благи блага, ова е совршена комбинација.
Во оригиналниот рецепт, не пишуваше дека се додава млеко во основата. Јас го додадов, бидејќи така ми се виде многу суво тестото. Со млеко, испадна малку цврсто, но не многу.

Брзо, вкусно и едноставно!
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови