Еве еден рецепт што велат од ум,веќе сме на прагот на пролетта па во секој двор го има штавелот од кој може да се направи прекрасен ручек или макало. Јас одбрав да направам макало кој излезе навистина превкусен и на сите им се допадна.

Најпрво ги миеме листовите штавел и врвовите коприви, потоа во еден сад на оган ги ставаме да се варат околу 15 минути.

Земаме една подлабока тава и во неа го сечкаме младото кромидче и едно чешне лук и го додаваме маслото па пропржуваме.

Ги процедуваме штавелот и копривите и откако малку ќе поруменат кромидчето и лукот, ги додаваме во тавата штавелот и копривите. Ги оставаме да се пропржат околу 3 минутки, па додаваме 250мл вода и зачините. Оставаме вака да повари некои 10 тина минути.

Потоа земаме две полни лажици брашно и ги раствараме во 100мл вода, го додаваме во тавата и мешаме додека не се згусне.

Откако ќе се згусне макалото го тргаме од оган и го додаваме и второто чешне лук и додаваме оцет во зависност од тоа колку сакате да ви е киселко.

Вака приготвеното макало може да се јаде со баница, со варен компир,ориз...(по желба).

Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови