Лесно и брзо рецептче да ви се најде за доручек, вечера, гости...Сама си го склопив полнењето, многу едноставно ама вкусничко...
За едно тавче за мафини со средна големина мене ми беше доволно едно парче готово лиснато тесто (во пакувањето беа две...мислам дека пакувањето е од 500 грама).

Подготовката е следнава: најпрво одмрзнете го тестото, расукајте го во тенка кора и најдете чаша со која ќе ги сечете круговите а чиј отвор е за малку поголем од калапот за мафинчето. Откако ќе ги исечете круговите, на малку намастено калапче за мафини редете ги круговите така што ќе формирате корпици (гнезда).
Спанаќот за сите вакви јадења со тесто, јас го подготвувам така што откако ќе го измијам, зовривам вода (во електричен бокал за најбрзо!) и го прелевам за да „овене“ и го оставам две-три минути, па го прецедувам. Вака подготвениот спанаќ, заедно со сирењето, урдата, павлаката и пестото ставете го во блендер и изблендајте така што се ќе биде фино иситнето и измешано, но не да стане кашесто.
Наполнете ги корпиците со смесата и ставете ги во загреана рерна да се печат (би рекла на 200 степени околу 15тина минути, а јас ги оставам барем 5 минути на 180 степени со вклучен вентилатор...или поточно во зависност од рерната секој си знае како да ги испече).

Секако дека убаво одат со јогурт, кисело млеко или павлака.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови