Првично овој рецепт беше замислен да бидат крокети и тоа поховани. Но како ваквиот леб дома никој не и го сака, решив да ги правам со него за да се потроши и да го изедиме на некој начин. Но, со обзир на тоа дека нема глутен, обликување на крокети не доаѓаше во предвид, па така волшебно ги пренаменив во плескавици, со ризик дека можеби и такви нема да успеат. Не да успеаја, ами и не изненадија со вкусот.
Напомена – плескавиците се оформуваат, но се лесно распадливи ако не се работи вешто, но тоа е се до моментот додека не влезат в тавче во маслото, потоа самите си се соединуваат и изгледаат како вистински плескавици.
Ставете ги во длабок сад парчињата леб и внимателно полека насекаде по малку натопете ги со млеко и оставете ги да го впијат некои 5 минути. Потоа со раце издробете ги на најситно. Како лебот нема глутен, лесно се дроби скоро како песок.

Кромидот и саламата изрендајте ги и заедно со останатите состојки додадете ги во издробениот леб, па се убаво измесете.

Обликувајте плескавици и пржете ги на загреано масло исто како за месните плескавици.

Пржените плескавици одложете ги врз хартиена салфетка иако воопшто не впиваат масло.
Освен што не впиваат масло, на наше изненадување на вкус и скоро и на изглед се понашаа како вистински плескавици од мелено месо.

Случка на која се изнасмеав...
Син ми си зеде 2 тост лепчиња, си ја стави плескавицата меѓу нив, си потури кечап и зеде да јади. Викам, нели ти кажав дека се од леб плескавиците? – Ако де, не изгледаат така.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани