Еден предлог за вегетаријански ручек, едноставен за подготовка и многу вкусен.
Тиквиците измијте ги, а ако сакате излупете ги и по должината исечете ги на половина. Со лажица извадете ја средината и оставете ја на страна зашто ни е потребна за полнењето.
Наредете ги во тава намачкана со масло и 1/2 чаша вода, посолете ги со малку сол, попрскајте ги со малку масло и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 20- 25 минути. Додека се печат подгответе го полнењето - филот.
Средината од тиквиците исецкајте ја и пропржете ја во тавче со 2-3 лажици масло малку да омекне. Додајте го лукчето ситно исецкано, промешајте и тргнете ги на страна да ладат.
Потоа додајте ги сирењето, доматите исецкани, јајцето, магдоносот и по вкус сол и бибер. Измешајте ја смесата.
Тиквиците извадете ги од рерната и наполнете ги со смесата. Одозгора наредете од кашкавалот и вратете ги во рерна да се печат уште 15-20-на минути.
За тоа време подгответе го кус кусот.
Водата ставете ја да зоврие а кус кусот ставете го во длабока чинија и ставете малку сол и 3 лажици маслиново масло. Откако ќе зоврие водата попарете го и покриен оставете го да стои 10-на минути.
Сервирајте го со испечените тиквици и свежа салата.
Забелешка
Во полнењето може да си користите исецкан свеж домат, јас употребив сушени бидејќи такви имав за трошење.
Оваа количина на состојки е доволна за 2 порции, затоа спрема потребите ќе си ги зголемите. Исто така како прилог може да си направите компир пире или варен ориз.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани