Традиционално секоја година, битолските домаќинки подготвуваат козињаци и ролати за Велигден. Со овој рецепт ќе направите превкусен козињак и ролат од истото тесто. Не сум многу вешта во плетење плетенки, но можам да се пофалам дека ролатот беше превкусен, а бидејќи козињакот веднаш го замрзнав, немам пресек и не е пробан, но би требало да е ист како ролатот зашто се работи за истото тесто и фил, само формата е друга.
Инаку јас многу го сакам рогачот, се двоумев дали да користам рогач или афионово семе за фил, сепак се одлучив за рогач. Интензивните мириси на рогач, махлеб и ванила во домот ми се чини се уште се осеќаат, убавини. Филот можи да го прилагодите на вашите желби, а за козињакот можете да ставите само суво грозје претходно потопено во вода доколку не секате да има фил. Јас не сакам празни теста, дури и кифлички кога месам, никогаш не ги правам празни, сакам да има фил за докомплетирање на вкусот.

Се попаруваат рогачот и шеќерот со врелото млеко и филот е спремен.

Подготовка

Се активира квасецот во млакото млеко и шеќерот и се меша со миксер со останатите состојки за тестото. Се става половина растопен путер или маргарин, остатокот ќе го додадете во премесувањето. На почеток ставете 500 г брашно па подоцна кога ќе го премесите тестото по потреба ќе додадете уште. Се мати со маталките за тесто околу 10-15 минути и се остава на топло да стаса околу 1 час или додека не го дуплира волуменот.

Потоа се преместува тестото на набрашнета површина и се премесува убаво со намрсена рака и се додава останатиот путер или маргарин кој не треба да е растопен, туку оладен. По потреба додадете уште брашно додека тестото не престане да се лепи. Колку подолго се меси тестото, толку повеќе ќе има конци.

Оставете го уште 1 час да постои.

Потоа поделете го на 2 дела. Од едниот дел исучете кора и премачкајте ја со половина фил.

Ако ролатот не ви го бери во тавчето, поделете го на два дела.

Другата половина од тестото се дели на 3 дела за да добиете 3 плетенки.

Секој дел се раширува во долгнавеста форма со помош на сукало, се нанесува филот и пак се затвора. Со трите дела се плети плетенка и се преместува во намастен калап.
Се оставаат да стасаат околу 30-40мин. Се премачкуваат со жолчка помешана со 2 лажици млеко и по желба наросете ванилин шеќер одозгора.

Се печат во загреана рерна на 180 степени, откако ќе поруменат малку се покриваат со хартија за печење и се печат уште 20тина мин. Ако ви е прејака рерната, намалете ја температурата на 150 степени. Вкупно време на печење е околу 40 минути.

Испечените козињаци се покриваат со кујнска крпа и се оставаат убаво да се изладат пред да се сечат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови