Ова е рецепт за љубителите на многу луто. Кинески чили сос со сусам и кикиритки кој многу се употребува во Кина.
Јас употребив некои состојки кои ми се донесени од Кина, ама може и без нив, исто така е вкусен и секако лут.
Сувите чили пиперчиња се мелат во машинка.
Сусамот се додава во садот со мелените пиперчиња.
Маслото се загрева, се додава ѕвездестиот анасон, сечуанскиот бибер и стапчето цимет. Се загрева до јак степен. Потоа маслото се прелива преку цедалка во садот со чилито. Ќе ви замириса цел дом на прекрасна чили арома. На крај се додаваат кикиритките. Може и две три капки сусамово масло.

Ова е мала доза, меѓутоа ќе трае цел месец и повеќе дури и со редовна употреба. Јас го додавам во тестенините, ориз, пржен, варен зеленчук.
Ако немате анасон и кинески бибер, може да се стави наш бибер еден прстофат. Кинескиот сечуански бибер има различен вид на лутина, ја собира устата и затоа не го оставам во сосот, туку само малку пропржен доволно е.
Циметот иако се користи за благи работи, сепак овде дава слаба блага арома, која воопшто не пречи на вкусот, туку го збогатува.
Кога ќе се излади по саат време, префрлете го во тегличка и чувајте го во фрижидер.
Ова ми даде идеја да пробам со наш буковец. Здравје ќе ја проверам таа македонска варијанта. Може и со нелут буковец, за љубителите на нелута храна.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови