Овој прекрасен наан леб прв пат го пробав по хроно правила, со интегрално брашно и многу ми се допадна. Овој пат за натпреваров се решив да го пробам оригиналниот рецепт, во комбинација со коријандер, како карактеристичен зачин за азиската кујна.

1. Во една длабока здела се става брашното, солта, мелениот коријандер и пецивото. Се меша се убаво.
2. Се прелева со млекото и маслото и убаво се замесува. Ќе добиете лепливо тесто, кое се остава во намастен сад да стои околу 15 мин.
3. Со убаво намастени раце (намастени со путер или масло), се зема дел од тестото и се расплескува на рака, нешто како мекици кога се подготвуваат.
4. Тестенцето се налепува со ситно сецкан коријандер и се става да се запржи на вок или грил тава, намастена со тенок слој на путер или масло.
5. Се запекува од двете страни по 1-2 мин, додека да зарумени. Нема потреба од долго печење, бидејќи се работи за тенок слој на тесто.

Од оваа количина се добиваат 5-6 наан лепчиња. Се послужуваат топли во комбинација со варива, како на пр. кари и сл.

Ако сакате за време на пост да го подготвите овој наан леб, слободно заменете со вода, бидејќи хроно рецептот е со интегрално тесто, вода, сол и пециво.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови