Најпрво направете го филот за да може да се излади. Празот исчистете го и исецкајте го ситно, потоа додадете го маслото и пржете додека омекне. Посолете по вкус.

За тестото најпрво се става квасецот со 1 лажица брашно, малку млака вода и 1/2 кафено лажиче шеќер да стаса. Потоа се додава брашното, маслото и со млака вода се замесува средно тесто.
Тестото се дели на две топки, од едната топка правиме три помали топчиња и ги расукуваме со сукалка.
Врз првата коричка ставаме парчиња маргарин, потоа кора, пак маргарин и завршуваме со кора. Ја тргаме на страна и постапката ја повторуваме со другата топка.
Кората со маргарин ја расукуваме тенко и ја ставаме во подмачкан плех бр 28, но од самата кора да излегува 2 цм кон надвор за да може да се направи витка. Преку кората го ставаме филот, а потоа ја расукуваме и втората кора.
Втората кора ја ставаме врз филот и ја собираме по малку како на сликата.
Со краевите од првата кора правиме витка, го попрскуваме зелникот со масло и оставаме 15 минути да нарасне.
Го печеме на 200 степени 15 минути, а потоа на 170 уште 15-20 минути.
Кога е готов го покриваме со крпа, а потоа го служиме со кисело млеко.
На здравје !!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови