За љубителите на чипсот, ова е совршена замена, за поздрава варијанта на чипс. Пред се, затоа што го правите дома, а најмногу заради тоа што нема пржење.
Постапката е малку подолга, од онаа да одиш до маркетот за да си купиш готов чипс, но верувајте дека се добива многу чипс, и во комбинација со ладно пиво оди супер.
Во садот ставете ги водата и маслиновото масло. Постепено додавајте и од едното и од другото брашно. Кога ќе се направи како каша, додајте ги зачините. Јас ставив, сол, мешан сув зачин, црвен пипер, мелен црн бибер, турмерик и лук во прав. Мешајте се добро, па домесете го тестото со преостанатото брашно. Ќе добиете, меко и жолтеникаво тесто, кое се лепи лесно.
Тестото поделете го на 14 топчиња, со големина колку јајце. Секое топче, расукајте го на добро набрашнета површина. Дебелината на една тортиља, треба да е малку подебела од палачинка, отприлика колку еден бисквит. Наредете ги тортиљите на крпа. Површно намрснете го и загрејте го нелепливото тавче. Секоја тортиља, печете ја од едната и другата страна во времетраење од една минута. Печете ги на не многу силен оган.
Вака приготвените тортиљи, исечете ги на триаголници и наредете ги, една до друга на плех, во кој претходно сте ставиле хартија за печење.
Секој триаголник, со помош на четка, премачкајте го со маслиново масло, а врз него наросете зачини по избор. Врз тортиљите, распоредете го кашкавалот. Печете, во загреана рерна околу 15 минути на 200степени.
Во меѓувреме, се приготвува дипот. Измешајте ги кечапот, доматното пире, сојата и лутиот сос. Наросете малку сув босилек и оригано.
Готовиот чипс, се служи со домашната салца.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови