Најпрво да Ве поздравам. Не сум првпат тука, но поради различни околности и хакната е-маил адреса, ова е мој втор обид, во споделувањето на рецептите на оваа страна. Секојдневно ве следам сите вас и од оваа страна, испробувам различни рецепти и совети во кујната. Сфатив дека, готвењето е тоа што ме исполнува и опушта, па си реков, зошто да не го споделам тоа, со луѓе кои се чувствуваат исто како мене.
Па, еве ме пак, со мојот прв рецепт.
Ова е еден сендвич, над сендвичите. Во Македонија, мислам дека овие ланци на сендвичари ги нема, но секој што пробал сендвич од тука, знае за што зборувам. Јас пробав да направам моја варијанта на овој сендвич, кој не одзема многу време, а верувајте, вкусот на овие состојки е прекрасен.
За овој рецепт, потребно ви е веќе приготвено месо, јас имав останато во фрижидер, печено свинско месо. Но доколку немате, можете да пропржите и пилешко месо, на тој начин што истото го пропржувате до заруменување и го зачинувате по ваша желба. Приготвеното месо, го цепкате со виљушка, или го сецкате ситно. Во месото го додавате претходно измешаниот сос (сосот од соја, кечап и чили сос).
Потоа, багетите ги сечите на половина. Лепчињата ги премачкувате со маслиново масло од двете страни. На две половинки го распоредувате месото, а врз него го рендате кашкавалот. Другите две половинки само ги премачкувате со масло. Потоа, вака приготвените лепчиња ги ставате во плех. Ги потпекувате во загреана рерна, околу 6-7 минути на 200 степени. Во меѓувреме, доматите, пиперката и киселите краставички ги сечите на кругови. Откако ќе се стопи кашкавалот, ги вадите лепчињата од рерна, па врз месото нанесувате кисела павлака. Врз павлаката нанесувате кругови домати. Потоа мачкате тенок слој на кечап, а врз него ставате кисели краставички и сецкана пиперка. Врз тоа, премачкувате со слој мајонез. На крај, го затворате сендвичот со другата половинка од лепчето и уживате во прекрсаните вкусови.
На здравје!