Идејава за мотање на полжавиве од зелка ја видив на некој Турски сајт, но секако дека полнењето не содржеше свинска сланина, колбас....
Изборот на состојки е мој.
Ручекот изгледа фантастично и е многу вкусен.
Пробајте го.

Прво во загреано масло го пропржуваме ситно сецканиот праз.
Ја додаваме ситно сецканата сланина и неа ја запржуваме.
Тргаме од оган додаваме црн бибер, сол, зачин, црвен пипер, меленото месо, исцедениот ориз, излупениот колбас (значи го фрламе цревото).
Цела смеса убаво со рака ја месиме.
Оставаме на страна додека ги подготвуваме листовите расол.
На секој лист му го одстрануваме средишниот, тврдиот дел.
Сега земаме лист расол и стваме мастраф по должина на листот, односно покрај местото каде стое кочанот, како на сликата.
Потоа завиткуваме како ролатче, па виткаме полжавче.
Вака подготвените полжавчиња ги редиме во пекач кој претходно е обложен со листови расол, и врз кои е исецкан ситно средишниот дел на зелката.
Мастраф има доволно за да се наполни пекачот во еден ред.
Вака подготвените полжавчиња ги покриваме со листови зелка.
Малку одозгора попрскуваме со масло и црвен пипер.
Во касерола загреваме расолница, или пола вода пола расолница.
Со зовриената течност ги прекриваме гурманските полжавчиња и го ставаме капакот.
Печиме во загреана рерна на 170 с околу 2 часа, односно додека не ни остани ручекот тукуречи само на мрсното.
Послужуваме со запечени лути пиперки и чаша добро црвено вино.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани