Не берете гајле, ни еден гулаб не е повреден при припремата на овој десерт хехехе
Зборот ГУЛАБ е изведен од персиските зборови гол (цвет) и āб (вода), кој се однесува на сирупот што мириса на вода од роза. ЈАМУН е хинди-урду збор за индиско овошје со слична големина и форма, попознато како црна слива.
Гулаб јамун е традиционален индиски десерт кој е обавезно застапен на нивните веселби. Сунѓерести млечни топчиња натопени во ружин миризлив сируп - милина. Може да се комбинират со крем, сладолед, ореви, фстаци итн. Благодарност до Клара Бос која ми позајми ружина вода.

Подготовка

Рецептот е многу едноставен, но лесно може да се згреши. Оригинално, индијците не ставаат путер ниту масло, туку некој прочистен путер кој го викаат ги. Исто така, не користат млеко во прав како ние, туку друг тип на помасно млеко кое го викаат која, но бидејќи кај нас ги нема тие состојки, овие се добра замена.

Замесете го тестото прво со мешање на сувите состојки, па додадете го растопениот путер, јогуртот и полека замесете тесто. Ако тестото е многу суво, додавајте по малку топло млеко. Смесата не треба многу да ја нагмечите.
Со намастени раце, формирајте топчиња со големина на бомбици, внимавајте да нема пукнатини на нив, ниту пак да бидат многу настегани. Оставете ги да поседат покриени со влажна крпа, а за тоа време може да го приготвите шербетот.
Топчињата се пржат на умерена температура во доста масло. Треба убаво да поруменат и да порастат за време на пржењето. Директно се ставаат во жешкиот (не врел) шербет. Оставете ги да впиваат неколку часа.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови