Овој рецепт е од баба ми и е многу стар. Мене ми е омилен уште од детството и го обожавам дури повеќе и од баклава. Рецептот е многу брз, едноставен и нема мерка. Едно време старите мереле со грст и од око, така мереше баба ми со раце.

Во сад ставаме 1 рака (грст) гриз, половина рака шеќер, 2 ванили и 2 раце сецкани ореви, зависи колку сакаме да е богата со ореви.
Оревите не треба да бидат сецкани многу ситно, ни многу едри.
Ставаме кора, ја попрскуваме со малце зејтин, потоа и од смесата попрскуваме и врз неа ставаме втора кора, попрскуваме исто зејтин и од смесата и со сукалото ја замотуваме стегнато кората. Потоа ја прибираме и од двете страни на сукалото да се нагрчи и внимателно го истеглуваме сукалото и кората ја ставаме во подмачкана тепсија.
Се така ја правиме постапката до крај.
Баницата ја ставаме да се пече во загреана рерна на тивко, на 170°С околу 20 минути.
Зависи и рерната како пече.
Се остава да порумене малце и ја тргнуваме на страна да се излади.

Шербет. 1кг шеќер, половина литар вода, 1 лимон и 1 ванила.
Во тенџере го ставаме шеќерот и водата и оставаме да зоврие. Кога ќе почне шербетотда пени, сечеме  лимон на тенки кругчиња и додаваме во шербетот. Лимонот се става едно за вкус, а повеќе за да не се шеќероса.
Потоа ја додаваме и ванилата и оставаме да поврие уште неколку минути на тивко.
Потоа шербетот треба да е млак и да се полие врз изладената баница...Добар Апетит!!!
За да знаеме шербетот кога е готов, јас секогаш со лажица капнувам на ноктот од прстот, кога ќе застане капката шербет тогаш е готов.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови