Морам повторно да се заблагодарам на Маја и Саше од Куманово, што денес ни овозможија на трпезата да имаме совршен гурмански ручек.
Ви благодариме наши пријатели за подарокот.
Да, точно многу време бара за подготовка ова јадење, но верувајте дека се исплати секоја потрошена минута.
Тука нема да ја пишувам постапката за маринирање на месото, туку истата е веќе објавена во поставениот рецепт
Маринирано месо од дива свиња во земјена тава.
И мој совет е никако да не ги изоставите сувите сливи, бидејќи прават воолшебен вкус на јадењето. Може да ги замените со суви брусници или ако изоставите и тоа и тоа додадете некое зрно шеќер.

Е па вака е постапката понатаму.
Значи маринираното месо го процедуваме од течноста во која стоеше.
Во касерола налеваме масло, го пржиме кромидот да застакли, па ги додаваме сецканиот морков, сланина, лута пиперка, домат.
Пржиме се заедно неколку минути.
Потоа го додаваме процеденото месо и зачини, ловоров лист, жалфија, рузмарин, мајоран, зрна јенибар, зрна коријандер, сол, бибер, зачин.
Ја поклопуваме касеролата со капак и оставаме на тивок оган да крчка одприлика околу еден час, со повремено промешување.
Тогаш месото ќе си остане само на мрсното, ќе нема вода од зеленчукот.
За кратко тргаме од оган додаваме доматно пире, црвен пипер,сенф, суви сливи.
Промешуваме.
Налеваме течност, вино, вода или бујон.околу 300 мл.
Повторно враќаме на оган и оставаме да крчка на тивок оган околу 1-2 часа.
Повремено промешуваме.
Кога веќе месото е готово, а ручекот добил на густина посипуваме сецкан магдонос.

Сега ги подготвуваме кнедлите.
На загреано масло го пржиме сецканиот кромид, додаваме сланина, пржиме уште некоја минута.
Тргаме од оган, зачинуваме додаваме исцеден печен леб, јајце, магдонос и брашно.
Со влажни раце формираме кнедли.
Ги вариме во сад со врела вода.
Готови се кога ќе испливаат на површина, не им треба многу време.
Сервираме од волшебниот гулаш, кнедлите и послужуваме со чаша црвено вино.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани