Здраво другари! Со пролетта, некако и јас и се вратив на страницава, каде што од одредени причини, животни околности и ситуации не бев активна подолго време. Не дека немаше желба да се пишува и фотка, но се некако беше во втор план…

Камбекот го почнувам со овие фантастични бургерчиња од тиквички и козјо сирење, мојот апсолутен фаворит за време на две годишни времиња, пролет и лето. Не се баш многу лесни за јадење, но не седнуваат тешко на желудникот како месните варијанти. Во комбинација со освежувачка салата, чинат совршен спој и вистински галеж за секое непце.

Прво се рендаат тиквичките на покрупната страна на рендето, се додава сув зачин, се промешуваат и се оставаат најмалку половина час, да пуштат вода и да омекнат. Во меѓувреме, кромидот и лукот се сечкаат ситно и се пржат на лажица масло додека не омекнат. Тиквичките добро се цедат од водата која што ја пуштиле и се ставаат во подлабок сад. Им се додаваат сите состојки и добро се меша, за да се изедначи смесата. Кога се додаваат лебните трошки, се внимава да не бидат ни премалку (формата ќе се изгуби во печењето и ќе се распаѓаат), ниту премногу, бидејќи ќе се добие песоклива, сува смеса и тешко ќе можат да се формираат бургерите. Всушност, количината на лебните трошки ќе зависи од тоа колку се исцедени тиквичките од вишокот на течност која што ќе ја испуштат додека одстојуваат.
Вака подготвената смеса се покрива со прозирна фолија и се остава во фрижидер еден час, за да може сите вкусови да се хомогенизираат.
Потоа, во тава со дно кое не лепи, се ставаат две лажици масло и се загрева на средно јака температура. Со рака се формираат бургери дебели колку еден прст и се пржат во тавата додека не поруменат, па се превртуваат од другата страна.
Бидејќи не пливаат во масло, нема потреба да се ставаат на хартиени салфетки, за да се впие вишокот на маснотија.

Можат да се јадат топли, млаки и ладни. Јас највеќе ги сакам кога се ладни, бидејќи така сите вкусови и ароми ми се некако поизбалансирани.

Можат да преноќат во фрижидер, завиткани во проѕирна, пластична фолија.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор