Еве една идеја, која јас ја направив од сувите кифли. Доколку имате такви дома, ова е превкусна погача, преку која можете да ги искористите.
Јас користев, округол стаклен и огноотпорен сад, со дијаметар 26цм.
Најпрво, добро и обилно, премачкајте го садот, со путер или маргарин.
Кифлите исечкајте ги на половина. Долниот дел, од кифлите, ставете ги во садот, така што ќе гледате, да немате празно место помеѓу нив.
Врз кифлите, премачкајте со павлака. Потоа, врз нив ставете од сувомесното, кое претходно, сте го исецкале, на долгнавести парчиња. Врз, сувомесното, наредете ги сецканите маслинки и печурки. Завршете, со тоа што врз нив, ќе го нарендате млечниот кашкавал.
Потоа, од горе, наредете ги горните делови од кифлата. Нежно притиснете од горе.
На тивок оган, растопете го путерот, заедно со млекото. Во друг сад, разматете едно јајце, па потоа тука додајте го млакото млеко со путерот.
Со оваа смеса и со лажица, попраскувајте ја погачата од горе, така што ќе нанесувате, врз секоја кифличка по малку.
Печете ја погачката на претходно загреана рерна, околу 10 до 12 тина минути, на температура од 180 степени.
Откако е готова, покријте ја со крпа и оставете да се излади.
Најдобро е, погачката да ја кршите со рацете. Јас се потрудив да извадам парче, пресечено со нож. Искрено, малку се помачив, бидејќи погачата уште беше топла, но со остар нож, може да направите и прекрасни парчиња, но проблем малку беше кај мене, растопениот кашкавал.
Со состојките внатре, може да варирате и да ставите што ви душа сака. Ја моментално, тоа имав во фрижидер.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови