Јас сум љубител, на термички добро обработено телешко месо. Никогаш не сум ги сакала оние крвави меса, кратко припремани. Во нашата кујна, месото секогаш е добро зготвено, па како такво настојувам и јас да го приготвувам.
Ваквото месо мене ме потсеќа на свадби и хотелските порции кои ги даваат на вечерата. Мераклиски ручек, со прекрасно комбинирани состојки!
Најпрво, маринирајте го месото. Секое парче бифтек, посолете го, наросете мелен црн бибер, сушен зачин, црвен пипер и лук во прав. Премачкајте го месото со сенф. Наредете го месото едно врз друго, а помеѓу нив ставете ливчиња рузмарин. Добро масирајте го месото со прстите, како би ги впило зачините и мирисите. Оставете го месото да отстои најмалку еден час во фрижидер.
На тавче, ставете го путерот, промешан со малку масло за јадење. Пуштете го гранчето рузмарин, колку да пушти мирис во мрснотијата, па потоа тргнете го.
Тука сега, пржете ги парчињата месо, до заруменување, но претходно, тргнете го рузмаринот кој е налепен на месото. Откако се готови, во истото тавче пропржете го лукчето, па печурките и морковот. Пржете до заруменување, па повторно додадете го месото. Налејте околу 300мл топла вода и крчкајте на средна температура околу половина час. Пред крајот, во тавата, додадете ја павлаката за готвење, па зачинете со сув магдонос и мелен бибер. Посолете по вкус. Оставете сосот да прокрчка на тивко уште 15тина минути, или додека да се згусне.
За подготовка на компирот
Исечете два благи компири со средна големина на коцки од по три цм, па посолете го компирот.
На тава на умерен оган, ставете ги путерот и маслиновото масло да се загреат. Тука додадете ги сите зачини и промешајте со лажица.
Потоа, секое парче компир, валкајте го во оваа смеса, па редете го на плех обложен со хартија. Остатокот од путерот и зачините, попрскајте го врз компирите. Замотајте ја тава со алу фолија и печете го компирот во претходно загреана рерна, 15 мин на 200 степени. Потоа допечете уште 10тина минути без фолија или додека компирот не зарумени.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови