Експериментирав со пицата, затоа што ми се најавија гости меѓу кои еден гостин не јадеше домати ни доматен сос. Па реков да пробаме што ќе излезе.
Иначе постапката е иста како и кај другиот рецепт објавен тука (пица вегетаријана)

Тестото веќе долго време го правам и е одлично. Останува меко и наредниот ден (доколку остане). Иначе од оваа смеса излегуваат три големи пици (за три плеха) а и сосот и филот се за три пици. Посебно кога имаме гости, некогаш и тие три пици не стигаат.
Би ви препорачала за сосот, добро е претходно да се измешаат состојките, па да се намачка.
Сите состојки се менливи, па играјте си. Ние не јадеме месо и печурки, но тој што јаде слободно нека додаде на веќе богатата пица.

Најпрво се спрема квасецот. Квасецот се става во шола со млака вода или млеко(околу 50тина грама), се додава пола лажиче брашно и малку шеќер. Сето тоа се меша и се остава на топло да надојди. Во меѓувреме, во голем сад се става брашното, се додаваат солта и пецивото, маслото, па се мешаат. Потоа се додава квасецот и на крајот минералната вода. Почнува да се меси и по потреба се додава топла вода при месењето. Тестото треба да е меко. Се остава да одмори околу 20тина минути.

Во меѓувреме се припремаат(сецкаат) зеленчуците на долги стапчиња.
Тестото се развлекува според плехот или тавата, се мачка со сосот, се наросуваат зачините, се додава дел од кашкавалот, потоа се додаваат сите зеленчуци, одозгора повторно зачини, па останатиот кашкавал. На крајот се додаваат босилекот па сусамот.
Се печи на веќе загреана релна од 200 степени, околу 20тина минути.
Уживајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови