За земјата на квалитетни сирења и вина, многу малку се знае дека, тоа е и земја во која најмногу се консумира риба, било каде во светот. Една од најпродаваните риби во Португалија е баш бакаларот. Се мисли дека португалците имаат измислено 365 различни рецепти за пoдготовка на бакалар, или рецепт за секој ден од годината. Бакаларот обично се продава, осолен, па затоа пред да се приготвува најдобро е да отстои цела ноќ во вода. Иако, може да се најде и свеж или замрзнат.
Овој рецепт (попознат како бакаљау ком натас), е традиционален и е главно јадење за Бадник кај португалците. Во мојот рецепт, јас користев веќе отстојан бакалар, кој е спремен за подготовка. Постапката оди вака
1. Парчињата риба, се мијат со вода, а во тенџере на оган, се става вода да зоврие. Во неа се ставаат парчињата и се вари, околу 25 минути. Потоа рибата се вади од водата и се остава да се излади. Откако е изладена, се чисти од коските и кожата и се цепка на помали парчиња.
2. Во друга подлабока тава, на поголема количина маслиново масло, се запржуваат лукчето, ловоровиот лист и кромидот. Се пржи на тивок оган, се додека кромидот не омекне. Откако ќе омекне, тука се додаваат парчињата риба, кратко се пропоржува, па се истура павлаката за готвење. Се остава на оган, се додека павлаката не се згусни и не се добие густа смеса. По вкус се зачинува со мелен црн бибер. Сол, јас не ставив, затоа што самата риба си е солена.
3. Компирите се лупат и се сецкаат на помали парчиња, па се налеваат со вода и се става компирот да се свари. Откако е готов, се прецадува и со преса се гмечи компирот. Тука се додава, најпрво путерот и млекото, а потоа и павлаката за готвење. На крај откако ќе се замлачи, се додава и јајцето. Смесата се меша жица за матење и треба да е кремаста и воздушеста. Се посолува по вкус.
4. На претходно намрснет огноотпорен сад, се истура смесата со бакаларот. Врз неа се истура пирето. Убаво се израмнува, па се покрива со алу-фолија.
5. Тавата се става, во претходно загреана рерна, да се печи околу 45 минути, на температура од 190 степени.
6. Пред крај, се вади фолијата, и од горе се наросува со лебните трошки. Се враќа уште 15тина минути во рерна, на 220 степени или додека од горе не се добие златно-жолта коричка.
За оние, што сакаат да експериментираат во кујната, ваква тава може да се направи и со ослич. За вкусот, не можам да гарантирам, дали ќе биде ист, но навистина, доколку имате прилика, вреди да ја пробате оваа вкуснотија.
Совршено оди, со свежа салата, маслинки и чаша бело вино!
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови