Овој рецепт решив првпат да го правам пред некое време, а последен пат во оригинална верзија го јадев некаде кон почетокот на 90-тите години од минатиот век, кај моите роднини во Србија. Искрено, како помала не го сакав, бидејќи не ми се допаѓаше вкусот на шлаг без шеќер варен во млеко, меѓутоа сега ми е еден од омилените рецепти.

1. На оган се става млекото со ванилата да зоврие.

2. За тоа време се мати цврст шлаг од белките од јајцата.

3. Со лажица се црпи од шлагот и се ставаат топки во млекото што врие. Се варат кратко од двете страни и се вадат со лажица со дупчиња да се исцеди вишокот млеко. Може да се ставаат во голем длабок сад, сите заедно или пак во мали чинии, како 4-6 посебни порции.

4. Посебно се мешаат жолчките со шеќерот и густинот, да нема грутки. Ако е смесата многу густа, може да се додаде малку ладно млеко.

5. Со постојано мешање смесата се додава во млекото и се вари како пудинг. Додека е топол, со кремот се преливаат топките од шлаг и се украсува по желба со цимет, со карамела или со чоколаден прелив.

Од оваа доза излегуваат 4-6 порции, што ќе зависи од големината на порцијата. Јас лично сакам помали порции.

Името на рецептот е изворно германско, мислам дека дури и читав некаде дека дете го измислило овој рецепт низ игра. Ќерката на слаткарот се затекнала во кујна додека тој експериментирал, го искористила моментот на неговото кратко отсуство од кујната да стави неколку лажички од цврстиот снег во млекото што вриело и така настанале познатите снежни кугли, со додаток на кремот кој го направил слаткарот. Верувам дека ако еднаш сте пробале, повторно ќе му се навратите на овој прекрасен и лесен десерт.

Се прави многу брзо, само треба да се внимава кога се прави кремот од јајца, млекото да не биде премногу врело. Во спротивно, нема да добиете убав крем, туку кајгана. Препорачливо е пред да се додаде смесата со јајца во млекото, малку од топлото млеко да се стави во неа, за да се „навикнат“ јајцата на температурата.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови