Додека да се објави овој пост, веќе ќе биде завршена традицијата на вапцање на јајца за Велигден, меѓутоа се надевам дека на некој од вас ќе им се допадне и ќе им се најде овој начин за наредната година. Покрај црвените јајца, најинтересни, најбрзи и лесни за правење на моите дечиња им се овие шарени јајца, кои они со задоволство ги прават и на тој начин учествуваат во вапцањето на јајцата.

Подготовката е лесна и брза -
1. Сварените јајца, пожелно е да бидат бели (жешки) ги завиткуваме во две ливчиња тоалетна хартија, па потоа со помош на стапчиња (или лажички, шприц) им нанесуваме од претходно растворената боја со 1 лажица жешка вода и 1 лажица оцет. Бојата што ќе ја користите е по ваш избор, само гледајте да не ставате иста боја една до друга.

2. Откако ќе ставите на целата површина од боите, притиснете го нежно јајцето да се пренесе подобро бојата. Оставете го јајцето настрана, така замоткано, се додека не завршите со наредното, па потоа одвиткајте го од хартијата, па премачкајте го со памук и масло за да има убав сјај.

Забелешка - За вапцање на јајцата на овој начин имам пробано со кујнска хартија, палома марамчиња и тоалетна хартија и можам да кажам дека најубави испаѓаат замоткани со само две ливчиња од тоалетна хартија. Тие се сосема доволни за да се обвитка јајцето и подобро и полесно ја пропуштаат бојата од другите хартии кои се подебели. Исто така овој начин го имам пробано со исечени парчиња од бела обична маица со риги, завиткани јајцата во нив и вапцани на истиот начин - одлични се и така.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани