Чорбите од коска се едни од најомилените кај нас дома. Младунче кога ќе рече:
- Ми се јаде ЧОБИЧЕ некое - душа ми се полни
Мастер шеф Љиља, која вие ја знаете како Лилјана Илиевска со 500 рецепти на сајтов, ни подари винички ориз кој совршено се погоди за нашата омилена чорба.

Бидејки сега се грееме на шпорет на дрва, најмераклискиот дел е коската да се вари што е можно подолго, по 4-5 часа. Месото од коската само да се вади.
Во големо тенџере или лонец ставете ја коската да се вари со многу вода.
Откако ќе се свари убаво коската со месото, извадете ја коската и ставете ја на послужавник или чинија да се олади, да може месото да се извади и исецка ситно. Во водата се додаваат сите зеленчуци и доматниот сок. Морковот ние го рендаме, така побрзо се вари.
Црвениот пипер растворете го во малку од супата и додадете го во тенџерето. Промешајте убаво и оставете да се вари уште 30-40 мин додека да се сварат сите зелнчуци. Мешајте од време на време да не се залепи оризот на дното.
Додадете го и ситно исецканото месо (ако коската имала месо).
Пред крај додадете ги сувите зачини. Кај нас тоа најчесто е чубрика или мајчина душичка, но може кој сакате по ваш вкус
Чорбата е готова.

Многу често дома користиме и кршен ориз. Јас особено го сакам бидејки ми го скратува времето на готвење =))
Бидејки ја сакаме погуста чорбата, ставаме повеќе ориз и оставаме да се превари, да се распадне и да ѝ даде густина на чорбата.
Совршено одговара и со некоја лажиц кисело млеко или јогурт.

Пријатно јадење :)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани