По желба на брат ми за роденденот, неговата омилена торта, овој пат во чоколадна верзија.

1. За основата, прво измелете ги бисквитите и растопете го путерот. Додадете го топлиот путер и румот во бисквитите и измешајте со рака за подеднакво да се распореди путерот. Во калап за торта бр.24 распоредете ги бисквитите и полека со рака притиснете од горе за убаво да се израмни. Ставете го калапот во фрижидер додека го подготвувате кремот.
2. Доколку користите урда изберете поквалитетна (домашна) урда. Исто така може да користите крем сирење или маскарпоне, по желба. Со урдата вкусот ми е некако најубав и добивам убава конзистенција па затоа и најчесто ја користам.
Урдата ставете ја во садот за матење со шеќерот во прав и матете убаво додека се добие убава кремаста смеса. Претходно чоколадото стопете го на пареа и оставете малку да се олади. Потоа додадете во садот и матете да се изедначи. Павлаката изматете ја во цврст снег и постепено додавајте во садот. На крај додадете го румот и кафете и убаво изматете. Кремот убаво распоредете го во калапот, израмнете со шпатула и оставете во фрижедер да се стегне (најубаво преку ноќ).
3. За карамелот, шеќерот ставете го во тава на оган да се растопи. Не мешајте со ништо (за да не ви кристализира) може да ја протресувате тавата од време на време за подеднакво да се стопи шеќерот. Кога шеќерот е веќе целосно растопен, додадете ги коцките путер и (дури сега) промешајте за путерот да се растопи. Кога путерот е растопен, тргнете од оган и внимателно ставајте од слатката павлака (ќе почне да врие и да се крева нагоре па внимавајте да не се изгорите). Количината на слатка павлака зависи која густина сакате да ја постигнете. Кога ќе се олади се стегнува и добивате одличен карамел крем кој може да го користите колачи, торти, комбинации од кремови. Може да се чува во тегличка во фрижидер и неколку денови.
4. Кога тортата е стегната, извадете ја од калапот, декорирајте по желба и послужете. Пред служење нека биде 15тина мин на собна температура.
Добар апетит =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани