Драги мои пријатели, МР, следбеници и почитувачи на мојата кујна. Еве нанижав уште еден голем јубилеј на оваа убава страна за готвење.
Ќе бидам нескромна ако речам дека не се радувам.
Да, горда сум што сум успеала да зготвам, сликам , напишам и презентирам толку многу рецепти од мојата кујна.
И кога пресметав колку дена сум веќе тука присутна и колку многу сум споделила рецепти, дојдов до број од 1,5 рецепти секојдневно поставени на странава.
За тоа да го постигнам пред се е љубовта која ја носам во мене, да готвам и да ги радувам моите најмили, моите пријатели. За денес ќе ве почестам со една непечена, прекрасна и вкусна торта.

Повелете рецепт.
1. Бисквитите ситно сомелете ги, додадете го стопениот путер и измешајте.
Потоа префрлете ја смесата во тава со обрач со дијаметар од 20 см и нанесувајте со задниот дел на лажицата за да создадете мазна основа. Оставете во фрижидер на 30 минути.
2. Во сад, измешајте го маскарпонето со шеќер во прав. 400 мл слатка павлака изматете ја многу лесно, само неколку секунди (бидејќи после со додавање на состојките ќе се стегне). Со лесни движења, пожелно е со шпатула, соединете ги маскарпонето и слатката павлака.
3, Поделете ја смесата на два еднакви делови. Во еден дел додадете паста од фстаци (кликнете тука за рецепт за паста од фстаци).

Половина од кесенцето со желатин ставете го со 2 лажици вода да набабри. Потоа растворете го во 50мл слатка павлака. Додадете го кај кремот со фстаци. Со лесни движења изедначете ја цела смеса.
Истурете крем од фстаци врз основата во садот, израмнете добро и префрлете го во фрижидер 30 минути.
4. Во вториот сад додадете го растопеното црно чоколадо . Остатокот, односно половина од кесенцето со желатин,ставете го со 2 лажици вода да набабри. Потоа растворете го во 50мл слатка павлака.
И него додатете го во чоколадниот крем. Со лесни движења изедначете ја цела смеса.
Истурете го чоколадниот крем над сега цврстиот крем од фстаци, израмнете ја површината и ставете ја во фрижидер тортата најмалку 4 часа.
5. Сега подгответе го желето од јагоди. Во тенџере на тивок оган се варат јагодите, водата и шеќерот околу 7-8 минути. Потоа се поминуваат со стапчест миксер. Желатинот се потопува со 2 лажици вода да набабри. Потоа се додава во врелиот сос, да се растопи желатинот и да се изедначи смесата. Оваа се истура млако, врз чоколадниот дел. Се остава во фрижидер уште 1 час да одстои,
6. Потоа, извадете ја тортата од фрижидер. Внимателно се вади обрачот, се става тортата на тајнир за сервирање.
Се прави декорација, украсете со сецкани ф’стаци,јагоди, ливчиња нане..
Послужете и уживајте.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани