За подлогата прво сомелете ги бисквитите, додадете го шеќерот, стопениот путер и зачините и промешајте. Во хартиените корпички ставете по 1-1,5 лажици од смесата и притиснете со лажица за малку да се набие и израмни.
Тиквата исечкајте ја на коцкички (~7-8 мм) и ставете ја во тенџерче заедно со водата и шеќерот да се вари додека не омекне. И требаат околу 10-15 минути. Потоа извадете ги коцкичките тиква, а течноста оставете ја во тенџерчето. Измерете 200 гр од сварената тиква и тргнете ја настрана, а остатокот испасирајте го или изблендирајте во мазно пире.
Подоладеното пире од тиква изматете го со крем сирењето, па додадете ги јајцата. Ставете од филот врз подлогата од бисквити и печете во загреана рерна на 160 степени, 25-30 минути.
Течноста каде се вареше тиквата (треба да има околу 250 мл) загрејте ја ако се оладила, ставете го циметот и со густинот разматен во многу малку вода сварете крем. Од овој крем додека е уште топол прелијте по 1 лажица врз испечените тортички, а на крај ставете по неколку коцки сварена тиква.

Од оваа доза мене ми излегуваат 20 тортички.

Пријатен апетит!

Во оригиналниот рецепт се користи кафеав шеќер и за варење на тиквата, но јас не сакам да ја менувам прекрасната жолто-портокалова боја на тиквата, па користам бел шеќер.
Ако ви е многу блага тиквата слободно намалете го количеството на шеќер.
А ако се прашувате дали ќе ви стигне доволно висината на корпичката, да знаете дека филот воопшто не расте во висина. Значи колку била полна корпичката пред, ќе биде полна и после печењето.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани