Ова е првиот рецепт кој го објавив пред да имам страница, различен е од познатите рецепти, но одсекогаш вака го правиме во моето семејство.
Иако изгледа комплицирано, едноставно е ако го сакате готвењето.

1. Најпрво модрите патлиџани, измиени и исчистени од дршката, се засекуваат по должина без да се отворат целосно, се полнат со сол. Се оставаат во вода да им излезе лутата, црната течност, најмалку 15-20 минути
2. За тоа време го подготвувате магданосот и лукот, ситно и тенко исечкани и ги мешате со сол и црн пипер, а исто така во друг сад ги подготвувате пиперките на кругчиња и доматите излупени и исечени
3. На зејтин прво ги пржите исечканите пиперки и ги додавате исечканите излупени домати, само малку да зовријат-5 минути и додавате сол, црвен и црн пипер, а друго по желба.
4. Сосот е готов, сега е време да се вратите на модрите патлиџани, да ги подисушите и да ги ставите на зејтин да се пржат, покриени, а јас сето тоа го правам во исто време, за да не биде подготовката предолга.
5. Откако ќе се испржат од сите страни убаво, значи да омекнат, ги вадите и ги редите со засекот одозгора, во земјана тава, по можност или некоја длабока тава за печење. Ако сакате, сега можете да ги излупите, за потоа полесно да се јадат, но не е задолжително, јас од поново време почнав да ги лупам
6. Вака наредени модрите патлиџани, ги полните во засекот со магданосот и лукот
7. Одозгора ги залевате со приготвениот сос, значи тавата треба да биде полна и покриена со сос од доматите во кој ќе се печат патлиџаните
8. На тивко, околу 1 час најмногу, оставате да се пече

Совет
Внимавајте сосот да не ви стане како агда, прегуст, значи сосот треба да остане нормално течен, ни воден, ни премногу густ.

Мали тајни, малку шеќер во доматите ако се киселкасти многу, малку вода ако доматите немаат доволно сос или користете доматно пире.

Тавата треба да се олади малку пред да сервирате, не се плашете да извадите еден по еден патлиџан во секоја чинија. Ако не ви успее тоа, следниот пат, ако не можете, оставете ја лушпата на патлиџаните и тогаш полесно се сервираат, но потешко се јадат. Одозгора врз патлиџанот се полева од сосот и во чинијата изгледа прекрасно, рапсодија од бои и вкусови.

Рецептот најчесто е во варијанта со мелено месо внатре, но вегетаријанската варијанта, која јас ви ја препорачувам, можете да си ја надополните со пржен компир, а и бело сирење, но и ќофтиња ако не можете да живеете без месо.
Добар апетит

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови