Ароматична и посна баклава.
Прво маргаринот го топиме и кон него додаваме 100 милитри зејтин. 400 грама ореви мелеме, а останатите 100 грама ги сечеме. Кон мелените ореви додаваме 5 лажици шеќер и 2 пакетчиња цимет. Се заедно мешаме и тоа е фил за баклавата.
Корите ги делиме на два дела. Од секој дел ќе правиме по еден ролат. Ја земаме првата кора од половината кори. Нанесуваме од растопениот маргарин со зејтин и со четка го разнесуваме на секаде. Ставаме втора кора. Пак нанесуваме од маснотијата и ставаме неколку лажици од филот со ореви и цимет. Така правиме со сите кори од едната половина кори. На секоја ставаме маснотија,на секоја втора од оревите со цимет. На последната кора освен од филот со ореви, ставаме и половина од сечените ореви. Замотуваме ролат. Од ролатот сечеме ролни со дебелина од 2 сантиметри и ги редиме на подмачкан плех со зејтин.
Истата постапка ја повторуваме и со другата половина кори.
Од секој ролат вадиме по 15 ролни. Со маргаринот кој остана ги полеваме и одозгора ролните.
Баклавата ја печеме на 170 степени околу 35 минути додека да зарумени убаво.
За шербетот ја ставаме водата, шеќерот и медот и чекаме да зоврие. Кога ќе зоврие ја намалуваме температурата и оставаме на тивко да вари 8 минути. Потоа го додаваме сокот од еден лимон и оставаме да врие на тивко уште 8 минути.
Со врелиот шербет ја полеваме изладената баклава.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови