Досега имам пробано многу рецепти за Козињак (Милиброд), но овој можам да кажам дека е совршен за мене. Превкусен, полн со конци, а и на изглед е прекрасен и декоративен, идеален за престојните Велигденски празници...за вас или за вашите најблиски.

Подготовката е на следниот начин -
1. Најпрво го активираме квасецот со додавање на 1 лажица шеќер и 1-2 лажици брашно со 100 мл млако млеко (од вкупната количина на наведените состојки)...околу 15 минути.
2. Во сад за месење го ставаме просеаното брашно, додаваме прстофат сол, па ги додаваме жолчките и едното јајце (разматени со вилушка), па стасаниот квасец и кората од портокал. На крај го додаваме млекото, во кое претходно сме ги додале шеќерот и ванилата мешајки да се растопат. Замесуваме компактно тесто.
3. Сега следува потешкиот дел, го додаваме путерот, не наеднаш, туку на неколку пати постепено. Месењето ќе биде потешко и на моменти ќе мислите дека нема да добиете компактно тесто...после додавањето на последното парче путер, месете долго за да се соедини убаво путерот, па потоа тестото го ставаме на малкууу набрашнета работна маса, за да го домесиме и да формираме топка од тестото. Добиеното тесто го ставаме во намрсен сад, покриваме со стреч фолија, завиткуваме со чаршафче и садот го ставаме во рерната со запалена сијаличка да стаса 1,5 час.
4. Стасаното тесто - околу 1 кг, го делиме на 3 поголеми и 1 помала топка ( кај мене беа 3 од околу 270 гр, а четвртата 200 гр)
5. Ги покриваме со стреч фолија да не се исушат додека да го формираме венецот...Од трите исти топки расукуваме долги ваљаци (околу 80см), па плетеме класична плетенка, која ја завиткуваме како круг...стискаме со прстите да се залепат убаво краевите. Добиениот венец го ставаме во намрсениот калап за куглоф. Доколку сакате во секој ваљак додадете суво грозје, претходно стоено во сокот од 1 портокал, па плетете плетенка...јас ставив, иако не е задолжително.
6. Од помалото топче ги формираме гнездата...го делиме на 9 исти топчиња, кои ги расукуваме во ваљачиња со должина од околу 25см, и од нив плетеме 3 плетенки. Добиените гнезда ги ставаме врз венецот. Во секое од нив ставаме по едно „лажно јајце„ кое го формираме со стуткување на едно парче хартија од кујнски бришач, потоа замотано во алуминиумска фолија. Формираниот Козињак го покриваме со стреч фолија и го оставаме на топло 1 час да стаса.
7. Стасаниот Козињак го премачкуваме со жолчката и млекото, на гнездата ставаме малку афион.
8. Печеме во загреана рерна на 200 степени - 5 минути, па намалуваме на 180 степени, и допекуваме додека да ја добие посакуваната боја (јас околу 35 минути - вие одредете според тоа како пече вашата рерна)
9. Печениот Козињак го премачкуваме со путер, нека олади малку, наросете прав шеќер и послужете.

Забелешка - Многу е битно да ги запазите овие чекори -
1. Обавезно квасецот претходно да се активира.
2. Јајцата да бидат на собна температура барем 2 часа, или ако заборавите на тоа, ставете ги во сад со топла вода да одстојат околу 15-на минути.
3. Брашното секогаш да го просејувате пред замесување.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани