Брз едноставен колач, со состојки кои секогаш ги имаме по дома. Може да биде само со моркови или само со тиквичка, а може и вака комбинирано. Одличен на вкус, нема да почувствувате ниту морков ниту тиквичка (за оние кои се скептици).

1. Во сад ставете ги ренданите моркови и тиквичка, додадете го шеќерот, ванилата и циметот и убаво промешајте. Тргнете на страна додека ги подготвите другите состојки (да стои околу 5 мин.).
Потоа во садот додадете ги млекото, зејтинот, мармаладот и оревите и убаво промешајте.
Во брашното ставете ги пецивото, содата и солта. Потоа додадете го брашното во садот со течните состојки. Почнете со 300гр. брашно, па во зависнот колку течност претходно пуштиле морковите и тиквичката, додавајте брашно за да се добие густа смеса.
2. Калапот за куглоф намрсете го и набрашнете го па ставете ја смесата и израмнете. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220С, а кога ќе го ставите намалете на 180С. Се пече околу 45-50 мин. или додека чепкалаката не излезе сува. доколку има потреба покријте со алу фолија да не загори.
3. Оставете нека се излади па извадете го од калапот. Наросете шеќер во прав, пресечете и послужете.

Добар апетит =)

* Јас вообичаено куглофот го поливам со сок од лимон (впива сосем малку) па наросувам шеќер во прав. Лимонот му дава убав слатко-киселкаст вкус.
* Мармаладот е домашен од модри сливи, но вие може да си користите по желба.
* Состојките се доволни за калапот што го имам. Во Делимано силиконскиот калап би бил малку понизок.
* И секако, доколку постите млекото може да се замени со обична или газирана вода.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани