Ретко се прејадувам. Кога има сарма е еден од ретките моменти. И откако ќе се најадам, пак јадам затоа што ми е вкусна :) Еве како ја подготвувам.

1. Месото го посолувам, зачинувам со црвен пипер и црн пипер, малку масло, две раце ориз и така живо го месам додека не се изедначи смесата. Потоа со намрсени раце кинам парчиња и формирам топчиња. Спрема бројот на топки месо, си кројам и листови од зелката. Се разбира оставам пет шест повеќе за дното на тенџерето и за покривање на сармите.

2. Значи на дното на тенџерето постилам листови зелка, убаво да се обложи дното. Една по една ги редам сармите. Преку сите потурам една лажица црвен пипер, ги покривам со еден-два листови зелка, потиснувам со еден плиток тањир, дополнувам со расолница колку да покрие, го ставам капакот и тенџерето оди на рингла. Ринглата е на максимум додека да зоврие сармата, потоа намалувам на минимум и оставам да се вари три часа.

3. Кога сармата е варена (важно е да е сварен расолот, зашто месото и онака бргу се готви), земам една по една сарма и ги обвиткувам со тенка сланина. Земјената тава ја постилам со листовите кои беа на врвот на тенџерето, врз нив ги редам сармите завиткани во сланина и најгоре ги покриваме со листовите од дното на тенџерето. Вака преместена во тава и облагородена со сланина, сармата ја ставам во рерна загреана на 200 степени. Ја покривам со алуминумска фолија и оставам да се зачрчори убаво, околу 25-30 минути. Ја отстранувам фолијата, спремам запршка со лажица брашно и лажица црвен пипер и ја прелевам смесата во тавата. Протресувам да си продре запршката на секаде. Горните листови ги поттргнувам кон страните од тавата и враќам да се потпече сланинчето.

Мислам дека секој ден да има сарма, секој ден би јадела

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови