Ова е кинеско јадење чиј вкус е прифатлив за нашиот начин на исхрана (барем за мене и моите), не е комплицирано за подготовка, а целата работа е да ги имате зачините и сосовите кои се специфични за кинеската кујна.

1. Парчето пилешки гради се сечи на коцки, се додава сусамовото масло, малку исечкан свеж коријандер, малку кари и лажица соја сос. Така се остава да се маринира со зачините додека се подготвува оризот и зеленчукот.

2. Оризот се вари, се мие и се цеди во цедалка.

3. Едниот морков се сечка на долги лентички а другиот на кругчиња, тиквичката се сечи на кругови, свежиот ѓумбир на ситни коцкички, а брокулата се расчленува на повеќе цветови.

4. Откако е се спремно (нели нема време за сечкање кога ќе се почне со пржење), во тава со врело масло се пржат маринираните пилешки коцки малку додека да се завртат неколку пати, па се додаваат зеленчуците според нивната цврстина.
Првин се става морковот, па тиквичката, ѓумбирот, сето заедно се пропржува околу 3-5 минути и на крај се става брокулата.
Се меша уште некоја минута колку да омекне брокулата, се става 1 лажица соја сос, малку шарена сол и 1 лажица слатко кисел сос и сето се изедначува.

5. Се сервира во чинија и се става оризот како прилог. Се јаде додека е топло и по желба може да се додаде и сос приготвен од од сусамово масло, буковска сол и соја сос.
Брзо, едноставно и вкусно.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани