Јајцата со шеќерот матете ги се додека не станат како крем. Потоа, со дрвена лажица вмешајте го брашното, внимателно, со кружни движења од долу на горе.
Обложете пек-хартија врз плехот од шпоретот. Истурете и израмнете ја смесата. Печете на 160 степени околу 15 мин. (зависно од рерната)
Изладеното тесто со чаша или кружен калап исечете го на кругови.

Желатинот растворете го во водата и оставете го 5-10 мин да се здрви. Потоа додете сосема мал дел од сокот од портокал и растопете го на умерен оган. Кога ќе се растопи, додадете го и останатиот сок и сируп од портокал, убаво измешајте и тргнете на страна.
Смесата истурете ја врз сад со рамна површина во висина од некои 4 мм. Јас немав погоден сад, па ја истурив во 2 чинии со поткренати рабови.
Желето цреши/јагоди пригответе го со половина доза од препорачаната на упатството. И тоа на ист начин сипете го во плитки чинии или садови и оставете да се здрви.

Здрвеното желе сечете го со помош на ракиена чашка и парчињата редете ги врз круговите тесто за ресана. Во овој случај ќе имате мешани ресани, со вкус на портокал, јагоди или цреши. Но, доколку немате можност за дополнителни вкусови и да набавите желе, тогаш дозата за желето од портокал зголемете ја уште за половина или пак ако ви е полесно дупло.

На крај, растопете го чоколадото со маслото и со помош на мало лажиче премачкајте/глазирајте ги ресаните одозгора. Врз делот со желе направете засеци како на оригиналните ресани. На сликата ќе приметите 2 вида на засеци. Едните се кога глазурата се подздрвила, а другите пак, кои мене пооригинално ми изгледаат се направени веднаш по засекувањето.
Доколку ви е тешко само со лажиче, помогнете си со четче за пралини за подобро да го распоредите слојот чоколадо до краевите.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани