Правевме дома дупла доза ДОМАШЕН МАЈОНЕЗ, па останаа 4 белки. Ми се јадеа орасници, ама немаше ни зрнце ореви по дома и ми текна на пуслиците на баба ми што порано ич не ги сакав. Многу просто, не беа од чоколадо и не беа сладолед =))

Екстремно се лесни и брзи за правење, а бидејки се суви траат долго. За чување се чуваат затворени, да не ги фати влага.

Рерната се вклучува на 100 степени. Доколку имате рерна со вентилатор, ова е рецептот за кој што ќе ја употребите таа опција.

Белките се ставаат во сад, се додава солта, ванилиниот шеќер и шеќерот и се мати на најголема брзина. Јас имам од оние миксери со сопствено садче кое се врти, па ставив се во садот и седнав да гледам телевизија (мрцина сум бе па што) =)).
По од прилика 15-20 мин, белките беа тврд, дури и леплив шлаг, а шеќерот стопен. Тогаш е готово.
Од оваа доза јас направив половина обични бели целуфки, а на другата половина ѝ додадов една лажица какао. Ова со какаото го правев на тепка и супер излезе.

Јас немам шприц за крем, па формата на пуслиците ја правев со голема лажица. Се црпнува од смесата и се става на хартијата за печење, со од прилика еден прст растојание меѓу две целуфки. Нараснуваат малку при печење.
Се пече окулу 1ч на температура од 100 степени, ОБАВЕЗНО во загреана рерна, бидејки стрина ми рече можеле да спалснат ако рерната не е загреана. Искусила де.... =))
Ако немате опција вентилатор на рерната, од време на време отворете ја вратичката да излезе влагата.

За додаваањето работи по желба
Доколку сакате да додадете какао, кокос, цимет, ореви, боја за тесто (особено ако имате деца дома) со постепено мешање со лажица ги додавате од како белките ќе станат тврд шлаг.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови