Фотографијата од вака направени плетенки ја видов на нет, ми се допаднаа, па се решив да ги направам со моја комбинација од состојки за тесто. Со чаша јогурт и ваква плетенка кифла ни започна едно убаво саботно утро...

1. Сите состојки за тесто ги ставаме во еден сад и ги замесуваме со млакото млеко. Оставаме да стаса. Потоа го размесуваме и го оставаме повторно да стаса.
2. Откако и по втор пат ќе стаса, целата топка тесто ја ставаме на работна маса и ја расукуваме со сукало, а дебелината на тестото да биде околу 1,5-2 см.
3. Со нож или алатка за пица сечеме ленти со должина колку сакаме да ни бидат плетенките. Со три од лентите формираме плетенка.
4. Чајната ја сечеме на тенки кругови и секој круг го сечеме на половина. Половинките ги редиме помеѓу плетките.
5. Откако сите плетенки ќе ги направиме рерната ја вклучуваме на 230 степени, па додека да се згрее ги оставаме да стасаат. Ги премачкуваме со изматено јајце, а откако ќе се испечат ги премачкуваме со масло.

Забелешка
Должината и големината на кифливе направете си ја по желба. Откако втор пат ќе стаса тестото не го размесувајте, само префрлете го тестото на работната маса и расукајте го со сукало. Откако ќе ги исечете лентите само формирајте ги плетенките, не ги усукувајте . Ако сакате може да вметнете и по цели кругови чајна, мене ми беше попрактично половинки да редам.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани