Превкусниии....идеални за брз појадок, бидејќи тестото се замесува одвечер, па така утрото за кратко време ќе имате супер вкусен појадок, за мерак. Лудото тесто често го користев и досега (ама со малку поинаков рецепт - каде не се ставаат јајца и млеко). Овојпат решив да ја пробам и оваа комбинација и воопшто не погрешив - впрочем и на двата начини е одлично.

Подготовка -
1. Во длабок сад го ставаме квасецот, па го додаваме јогуртот, мешаме да се растопи квасецот. Ги додаваме останатите состојки - јајцата, шеќер, сол, брашното (претходно помешано со пецивото и просеано) и на крај додаваме по потреба млеко. Замесуваме меко тесто кое многу малку лепи.
2. Го ставаме тестото во намрсен сад или намрсено ќесе, го врзуваме убаво и го оставаме во фрижидер.
3. Овојпат јас го поделив тестото на топчиња (околу 15 од кило брашно) кои ги растегнуваме со намрсени раце и ги пржиме на средна температура. Прскаме со лажица од врелото масло, па превртуваме да се допржат од другата страна. Или можете директно од тестото да кинете дел и да го оформите како пишија - по желба.
4. Испржените пишии ги вадиме врз салфета.

Забелешка - Доколку имате отворено кисело млеко или павлака, слободно можете да ставите и од нив ( во една прилика така направив за да ги дотрошам ), па да го дозамесите тестото со додавање јогурт и малку млеко. Доколку ви е многу оваа доза, замесете тесто со преполовени состојки ( со пола кило брашно ) како што и јас правам најчесто за нас.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани