Пилешко спремено на ваков начин сите си подготвуваме, ама овој сос спремен со пилешки прсти е многу вкусен.
Едно време излезе готов производ за валкање на пилешко месо, пред пржење, а во него имаше и еден сос, кој јас се обидов да го направам во својата кујна. Излезе дека домашниот сос е многу подобар и повкусен од тој купечкиот кој е во прав и требаше да се раствора. Сакав да ви го приложам тука како идеја за комбинирање со месо.
Стекот го сечкаме и го чукаме. Јас имав пилешки прсти, ама малку поголеми од вообичаени, не ги чукав, директно ги пржев.
Јајцата ги матиме. Сусамот, лебните трошки и мелените кикирики ги мешаме со мешан сув зачин. Го загреваме маслото на средна температура. Пилешкото го валкаме во јајца па во сувата смеса и го пржиме, да поцрвени.
Истолченото лукче (толчено со малку сол) го мешаме со мајонезот, павлаката, биберот и мелените семки од тиква. Сервираме. Може со сосот да го прелиеме месото, ама на овој начин со одделно сервирање, ми е поубав, бидејќи секој си става колку што му е желба и по вкус.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани