Вклучете ја рерната да се загрева на 160 степени.
Месото како и вообичаено, измијте го под млаз ладна вода и добро исушето го со кујнска хартија.
Во пекачот налејте малку зејтин и ставете да се загрева на рингла. Испржете го месото од сите страни додека да добие убава кафена боја. Тргнете на страна па посолете и побиберете по вкус. Исечканиот зеленчук наредете го околу месото во пекачот. Налејте ја врелата супа/бујон и додадете го виното и врз парчето месо ставете го и гранчето рузмарин. Ставете во рерна да се пече околу 1 час и 45 мин. Ако печете со термометар, температурата на средишниот дел од парчето месо треба да изнесува 85 степени за добро испечено. Ако сакате во средина месото да е розево тогаш истата треба да изнесува 65-70 степени или печете околу 70 минути. Додека се пече, повремено налевајте го месото со течноста во која се пече.
Откако се испекло, извадете го месото на страна и завиткајте го во фолија (за да остане топло). Течноста која остана во пекачот налејте ја во едно тенџере а зеленчукот испасирајте го преку ситеста цедалка и него додадете го во течноста. Ставете да се вари. На страна разматете го густинот во 50мл. вода. Откако течноста ќе зоврие додадете го растворениот густин и варете го сосот со постојано мешање додека се згусне.

Пред да го сечете месото, оставете го да отстои најмалку половина час за да можете да исечете убави цели парчиња.

Кај мене во прилог имаше печени компири со сусам и топла салата од црвена зелка со јаболка (рецепт следува).

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани