Џигерот се сече на помали парчиња и се чува во млеко најмалку половина час. Може да се чува во млеко цела ноќ, така ќе биде помек и нема многу да мириса.

Кромидот и лукот се сецкаат на покрупни парчиња и се ставаат во длабок сад да се динстаат на малку вода. Се додава џигерот и малку масло или свинска маст (што имате) да се пропржи убаво. Кога ќе пушти вода, се зачинува по вкус. Јас ставив мешан зув зачин, свежо мелен црн бибер, оригано, три ловорови листови, неколку зрна коријандер. Се крчка во сопствената течност додека не се свари убаво, а може и да се додаде малку вода, ако има потреба.

Штом ќе се зготви, се става во длабок сад или во блендер (јас имам само рачен пасатор кој ми врши одлична работа) и се блендира да се добие хомогена смеса. Во неа се додава омекнатиот леб (со вода), јајцето, ситно исецканиот магдонос, сенфот, а може и да се додадат други зачини по желба. Сето тоа повторно се пасира/блендира и се префрла во правоаголен калап обложен со хартија за печење. Ако немате таков калап, може да ви послужи и огноотпорен сад за печење. Се покрива со алу фолија и се пече во загреана рерна на 200-220 степени околу 15 минути. Потоа се вади фолијата и се пече уште 5-10 минути.

Кога ќе се извади од рерната се остава да се олади малку, па потоа се превртува на соодветна подлога и се вади хартијата.
Може да се служи ладна или топла, изборот е ваш.

Моите не се баш љубители на џигер, ретко го имаме на трпезата, па на овој начин пробав да го воведам во исхраната и донекаде беше успешно, но не верувам дека ќе побараат пак да го спремам, со оглед на тоа што џигерот има мошне специфичен вкус и не секој го сака. И покрај зачините на кои не штедев, се чувствува мирисот и вкусот на џигерот, што не верувам дека е пречка за љубителите на истиот.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови