“За совршен Панетоне рецептот не е доволен, клучни се врвните состојки „ - рекол Игинио Массари , еден од најголемите Италијански слаткари и веројатно наголемиот мајстор за Панетоне. Јас би рекла многу важно е и трпението и времето кое треба да му се посвети на овој Италијански Божиќен колач, но верувајте вреди.
Штом си зацртав дека оваа година ќе го подготвувам, пребарав многу рецепти и сакав да биде со домашен квасец. Почнав со негова подготовка- на почеток ми тргна супер, но квасецот не растеше како што треба. Немав време за нов, веќе беше доцна, но не сакав да се откажам од Панетонето. Прочитав многу рецепти, изгледав премногу видеа, искомбинирав совети и стигнав до овој рецепт, кој се покажа доста успешен, вкусот е одличен, мирисот уште повеќе . Сега имам цела година пред мене да го усовршам стартерот па следна Нова година да имам Панетоне со домашен квасец.
Ќе се потрудам што попрецизно со текст да ја опишам целата постапка. Да почнеме :)

1. Во длабок голем сад го ставаме брашното и правиме вдлабнатина на средина. Го ставаме квасецот на парченца, ја додаваме водата и со вилушка промешуваме нежно да се раствори во водата. Со рака замесуваме тесто и од него формираме топка. Садот го покриваме со проѕирна фолија и го оставаме на собна температура 10 часа да се активира квасецот и тестото да нарасне.

2. После 10 часа - жолчките ги ставаме во длабок сад и со вилушка ги матиме да се соединат. Жолчките ги додаваме дел по дел по малку, при тоа при секое додавање на жолчките тестото убаво го месиме со рака за убаво да ги впие жолчките. Месејќи, тестото ќе ни изгледа како да има конци, што значи дека треба да се продолжи со месење, додека не стане тестото изедначено, да нема разлика меѓу жолчките и тестото. Со други зборови, треба да е мазно. За оваа постапка ви треба повеќе време и сила во рацете за месење , не го брзајте овој дел од постапката. Навистина има доста работа, но само така ќе се добие вистинскиот резултат. Следно го додаваме путерот кој треба претходно да стои на собна температура, да биде мек(немојте да го топите во микробранова). Путерот го додаваме дел по дел , убаво месиме за тестотот да го впие путерот. Потоа го додаваме шеќерот со прстофатот сол, исто така дел по дел по малку при тоа убаво месејќи при секое додавање, додека тестото не го впие целиот шеќер. Значи жолчките, путерот и шеќерот ги додаваме дел по дел, на 4-5 пати ја додаваме нивната количина. Секое месење со по една состојка треба да ви биде околу 7-8 минути. Садот во кој се наоѓа тестото го покриваме со порѕирна фолија и оставаме да нарасне на собна температура 3 часа.

3. После 3 часа- во длабок сад го ставаме квасецот, шеќерот, брашното, путерот, ванила екстрактот, ренданата кора од лимон и порокал, медот и водата. Со вилушка ја мешаме смесата. Оваа смеса ја додаваме во нараснатото тесто и месиме убаво да се соедни смесата со тестото, при тоа се обидуваме месејќи тестото да го удираме од внатрешниот ѕид на садот.
Следно ги додаваме сувото грозје и исецкани на парченца кандираната кора од портокал и лимон. Месиме да се измешаат тестото, парчињата кандирана кора од портокал и лимон и сувото грозје.

4. Тестото го префрламе во високо тенџере кое може да се става во рерна со дијаметар 21 цм. Претходно дното и страничните делови убаво ги обложуваме со хартија за печење. Покриваме со алуминиумска фолија и оставаме на собна температура 6 часа.

5. После 6 часа- ја отстрануваме алуминиумската фолија. На горниот дел од тестото со нож правиме засек во форма на крст и во средината ставаме едно парченце путер. Печеме во загреана рерна на 170-180 степени 52 минути.

6. Панетонето го вадиме од рерна , оставаме да се излади 15на минути покриен со крпа, потоа го превртуваме наопаку да се лади 7-8 часа ( може и подолго ) исто така прекриен со крпа. Пред служење посипуваме со шеќер во прав.

Мојот распоред на припрема беше следен
- Јас започнав на 30 Декември малку пред 13 часот. Првото одмарање на тестото започна од 13 часот до 23 часот.
- Во 23 часот го правев вториот дел од постапката, по што следување нараснување од 3 часа . До 2 и 20 по полноќ на 31 декември.
- Потоа 6 часа нараснување и печење во 8 и 20 наутро на 31 Декември.

Одличен вкус- вреди да се направи барем еднаш во животот. 

Добар апетит.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани