Вкусна тортичка која обично се прави во класична форма, но овој пат ја направив во форма на срце. Се пече во округло тавче бр. 26, а бидејќи јас немав калап во форма на срце, со мал труд на картонче си направив шаблон за срце.
1. Рерната ја пуштаме да се загрее на 180 степени.
Јајцата (на собна температура) ги кршиме во сад за матење, ги ставаме шеќерите и со миксер матиме до пенаста и густа смеса.
2. Ги додаваме маслото и млекото, а потоа постепено го додаваме брашното и пецивото (заедно просеани), матиме со слаба брзина на миксерот.
3. Го ставаме стопениот и изладен путер, и на крај ги додаваме мелените ореви. Смесата убаво ја соединуваме и ја истураме во тавата обложена со хартија за печење, освен ако користиме тава на Делимано .
4. Тавчето го протресуваме на работна маса и ставаме да се пече во загреаната рерна прво 25 минути и уште 10 минути на 170 степени. Сепак за посигурно проверуваме со чечкалица.
5. Тортата ја оставив да се излади убаво, потоа ја ставив на чинија и со шаблонот внимателно со остар нож ја изрежав формата срце.
6. На пареа ги стопив чоколадото и кокосовото масло и го прелеав срцето, користев силиконска четка за да го размачкам течното чоколадо. Украсив со мелени ореви.
Забелешка
* Тестото е ровко поради путерот, па затоа треба внимателно да се извади од тавчето.
* Формата може да си остане округла или пак правоаголна, зависи од потребата.
* Одозгора може да се стави кокос, рендано чоколадо, шлаг пена и друго.

(513)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани