Ова лепче треба да се вика мерак лепче. Правено со мерак испадна превкусно, од надвор тенка крцкава кора, а внатре мек памук. Совршен. Бидејќи го правев од око, ќе се обидам точно да ги напишам состојките.

Прво активирајте го квасецот со млекото и шеќерот во длабок сад.
Потоа додадете го маслото, солта и постепено додавајте брашно. Користете го миксерот со маталките за тесто. Откако ќе додадете околу 500 г брашно и откако тестото ќе почне да се оформува во топка, замесете го со рака. Додадете уште брашно по потреба, тестото треба да е меко и малку лепливо.
Оставете го покриено да го дуплира волуменот околу 1 час.
Потоа нежно премесете, ако е премногу лепливо, додадете малку брашно, повеќе површински и префлете го на набрашнет плех, оформете топка и посипете го со брашно. Оставете го да надојди уште 40тина минути без да го покривате.
Пред печење, со жилет или остар нож, засечете го како на сликата, оформете шари по желба и ставете го да се пече на 200 степени 15тина минути, потоа намалете ја температурата на 170 степени и оставете го да се допечи уште 15-20 минути или додека убаво не порумени.
Оставете го да се подолади 15-20 минути пред да го сечете.
На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови