Драги мои, мојот јубилеен 100ти рецепт на Мои рецепти го посветувам на сите вас со кои со огромно задоволство се дружев точно 5 месеци откако случајно го започнав моето членство на оваа страница. Се надевам дека дружбата и понатаму ќе расне со нас и со новите членови кои ќе доаѓаат)))

Во водата се става шеќерот, издробениот квасец и прстофат брашно и се остава да стасува.
Млекото во кое сме го додале салото се замлачува. Не мора да чекате салото да се стопи.
Солта и повеќе од половина количество брашно се истура во садот во кој ќе го месиме тестото. Правиме вдлабнатина и во неа го истураме стасаниот квасец, јајцето и жолчката. Месиме тесто со додавање на преостанатата количина брашно и го оставаме на топло на нарасне.
За тоа време го спремаме филот. Во меленото месо го додаваме изрендан кромидот, јајцето и зачините и со помош на презлата измесуваме. Презла додаваме додека не се створи компактна целина која ќе можиме со раце да ја оформуваме. Формираме топчиња со големина на орев.
Нараснатото тесто го истураме на набрашнета работна површина и го делиме на два дела. Од секој дел расукуваме правоаголна кора која ја сечиме на коцки.
На секоја коцка во средината ставаме рамно лажиче од доматното пире (можи и без него) и по едно топче од спремениот фил мелено месо. Спротивните страни ги превиткуваме странично до топката фил, но не ја покриваме цела со тестото. Краевите на другите спротивни страни ги стиснуваме со прстите и ги виткаме како бомбони.
Чамците ги редиме на подмачкан плех за печење, ги премачкуваме со белка и печиме на 180 степени 15-20 мин., односно додека не поруменат. Печени, ги премачкуваме со масло и ги оставаме некои 5-10 мин. покриени со кујнска крпа.

Идејата за овие чамци ја видов уште поодамна на интернет. Но ни едно тесто не ми се допадна. Едните беа бесквасни и тврди, а на другите пак многу им се дигаше тестото и го губеа обликот... па јас си направив свое тесто и свој фил и можам да кажам дека излегоја одлични...барем ние така дома отценивме-буквално, ненамерно ручавме од нив. Ако не верувате, пробајте и уверете се и вие)))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани