Рецепти, готвење, труд, љубов, соработка, пријателства, дружба, споделување, фотографии, искуства, награди... сите овие зборови асоцираат и се дел од оваа наша страница Мои рецепти!

И така дружејќи се низ годините дојде редот да го објавам и мојот 1000-ти рецепт. Сакав да биде нешто невообичаено и мислам дека успеав во тоа. Ви подготвив и ви ја претставувам оваа торта со првокласен зелен чај во прав, познат како мача, кој се одгледува исклучиво во Јапонија, а дел од тортата е подготвена и со моето омилено зрнесто овошје, боровинките. Се надевам ве заинтересирав со мојот избор на јубилеен рецепт!

Подготовка на торта со боровинки
1. Сечеме од готовата кора два круга во големина колку помалиот калап за торта. На дното од калапот ставаме една кора.
2. Го растопуваме желатинот во малку вода.
3. Боровинките со шеќерот и 20 мл вода ги ставаме да провријат па ги блендираме. Во блендерот го додаваме и растопениот желатин.
4. Матиме слатка павлака и во неа ги додаваме боровинките. Соединуваме и смесата ја ставаме во калапот со обрач.
5. Покриваме со другата кора и тортичето го одложуваме во фрижидер да се стегне.

Подготовка на торта со зелен чај
1. Сечеме еден круг во големина на тава за чизкејк. Го ставаме на дното од тавата.
2. Го раствораме желатинот во 50 мл вода, па го ставаме да се растопи заедно со млекото и шеќерот, на средна температура.
3. Во слатката павлака го ставаме крем сирењето па кратко матиме до соединување (не да биде сосема изматено). Во оваа смеса го додаваме слаткото млеко во кое сме го раствориле желатинот, па промешуваме кратко со миксер.
4. Оваа смеса ја делиме на 4 дела, првиот бел дел прв го распоредуваме, а во остатокот додаваме ментол екстракт.
5. Во садовите ставаме мача во прав и тоа во првиот 1 лажичка, во вториот ½ лажичка, во третиот 1/4 лажичка во кои додаваме неколку капки вода за да се раствори зелениот чај во прав. Сите делови со помош на шпатула ги соединуваме со мача правот.
6. Белиот дел кој прв го распоредуваме врз чоколадната кора, го оставаме кратко во замрзнувач да се стегне онолку колку да можеме следниот крем фино да го распоредиме.
7. Потоа го ставаме делот во кој сме раствориле ¼ чајна лажичка мача во прав, пак го оставаме да олади, па делот со ½ лажичка мача, па делот со 1 лажичка мача во прав.
8. Ја оставаме тортата да се стегне во фрижидер или во замрзнувач.

Подготовка на чоколаден ганаж
1. На средна температура ја загреваме слатката павлака до вриење, па го ставаме путерот и чоколадото да се растопи. Оставаме кратко да подизлади.
2. Ја вадиме од калапот мини тортичката со боровинки и ја преливаме со дел од чоколадниот ганаж. Остатокот го распоредуваме врз тортата со мача во прав. Оставаме да се стегне ганажот.
3. Откако ќе се стегне ганажот ја вадиме мача тортата од калап и врз неа ја ставаме тортата од боровинки и ја украсуваме по вкус и желба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани