Локумадес, медени крофнички кои потсетуваат на лето и мамат на неодоливо уживање во нивниот вкус.

Подготовка

1. Најпрво се подготвува шеќерниот сируп. Во тенџере ги ставаме наведените состојки, нека зоврие и оставаме да врие уште 3 минути. Тргаме настрана, ја тргаме кората од лимон и стапчето цимет и го префрламе сирупот во друго тенџере за побргу да олади.

2. Потоа започнуваме со подготовка на смесата за Локумадес - крофничките. Во длабок сад ги ставаме водата, шеќерот и квасецот - промешуваме да се раствори квасецот. Ги додаваме останатите наведени состојки, од кои брашното на крај. Енергично мешаме со рачна маталка подолго време, околу 5-10 минути, се додека да се изработи добро брашното (да нема грутчиња). Тестото е ретко, растегливо и лепливо. Садот го покриваме со стреч фолија и го оставаме на топло место да стаса. После стасувањето преминуваме на пржење на крофничките.
3. Во тенџере го загреваме маслото на умерена температура, ги пржиме крофничките со повеќекратно промешување со решеткаста лажица се до добивање на златно жолта боја. Потоа ги вадиме со решеткастата лажица да се исцедат добро од маслото и ги ставаме во ладниот шеќерен сируп - промешуваме добро да го упијат сирупот. Ги вадиме најмногу по 1 минута, колку подолго стојат, толку повеќе ќе впијат од шеќерниот сируп. Продолжуваме на истиот начин се до потрошување на целата количина на тесто. Локумадес - крофничките ги послужуваме прелиени со мед, цимет и сецкани ореви.

Забелешка

Јас смесата за Локумадес - крофничките ја ставав во калап за таа намена, и пред секое ставање малку се промешува смесата, меѓутоа може да се стави од смесата во готварски шприц и да се истиснува од смесата, па со помош на ножица да се сечат или со помош на левата рака да се земе директно од смесата, па со мало лажиче (кое стои во чаша со масло) да се земе истиснатата смеса помеѓу палецот и показалецот. За посипување може да се користи печен сусам, печени сецкани бадеми...по вкус.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани